Водата за пиење која се обезбедува од акумулацијата Турија, се уште не е безбедна за пиење за граѓаните на Струмица и останатите населени места кои го користат градскиот водовод.
Нивото на манган кое беше пронајдено во техничката вода која ја купува ЈП Комуналец и потоа преку филтрирање ја носи како питка вода до населението преку секундарна мрежа, повторно е зголемено, односно синоќа повторно имало влошување на водата во браната Турија.
Ова за „Фокус“ го потврди градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов кој рече дека еколошката катастрофа е резултат на негрижа на институциите, односно дека затаило чистењето на каналите и речните корита од кои се полнат акумулациите, а тоа е директна надлежност на државното АД Водостопанство.
– Синоќа повторно имаше влошување на водата во браната Турија. Тоа е резултат на неводење грижа за брана Турија како единствено извориште за општина Струмица за питка вода. Браната е надлежност на АД „Водостопанство“ кое припаѓа под Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Си има Закон за води, си има правилник по кој се водиме како филтер станица во Струмица со примарен и секундарен водовод и ние имаме преземено се за што доказ е записникот од Агенцијата за храна и ветеринарство – истакна Костадинов.
По укажувањето на експертите, вели Костадинов, се работи за катастрофа која ја предизвикал природен фактор, односно за одронување на дол кој содржи метали.
– Постои некаков железен дол во самата брана, а не биле направени потребните насипи, народот знаел дека тој дол содржи метали. Одронувањето на тој дол придонесува при така ниско ниво на браната Турија од постоечки 53 милиони метри кубни капацитет на вода е донесено на 11,8 и калта практично е останата. Затоа и високото ниво на манган – објасни Костадинов.
Според него, решението е да се седне на маса, стручни тимови од МЗШВ, стручни тимови од Водостопанство и од ЈП Комуналец, да направат анализа и да пронајдат решение.
– Ние ја купуваме водата како техничка, но се прочистува во филтерните станици и се пушта како питка вода до населението. Се врши хиперхлорирање кое е во постојана процедура во станиците и во секундарната мрежа, но тоа не е причина да се појави такво ниво на метал.
ОД 1974 година ова е првпат такво ниво на манган да се појави, не зборувам само во Струмица и во Велес имаше највисоко ниво кога имаа проблеми. Нивото на манган кое стигнало до станицата кај нив било 0,25, а кај нас стигна до 1,5 – додаде градоналникот.
Филтер станицата во Струмица нема детектирано проблеми и поради тоа на Костадинов не му е јасно зошто министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски го впери прстот кон него за проблемот со немањето на вода за пиење.
– Не ми е јасно зошто се политизира случајот. Не знам зошто се бега од одговорност. Целта не е да се обвинуваме, најлесно е тоа, а ќе нема решение. Целта е да седнеме на маса. Јас сум оптимист дека временските прилики ќе не послужат, но не сум оптимист ако чекаме надлежните институции да постапат. Тоа е и одговорот од надлежните од Водостопанство – вели тој .
Додека се реши проблемот, општината обезбедува вода за пиење преку алтернативниот водовод од Муртино.
– Обезбедуваме вода за населението преку алтернативниот водовод во Муртино кој има капацитет да покрие некое време додека се реши проблемот. Вода која што е хлорирана, анализирана од Центар за јавно здравје и со решение од АХВ дека е чиста за пиење. Училишта, градинки, население места се ни е покриено.
Апелирам да седнеме на маса, не мора јас и министерот, туку стручни тимови да разговараат што се случува. Ние немаме бројки од браната Турија за точно ниво на вода, немаме анализа на вода, бактериолошка исправност, хемиска и физичка анализа, тие ќе ни го покажат патот до решението. А, ние како општина немаме надлежност да правиме на браната анализи туку АД Водостопанство – рече за „Фокус“ градоначалникот Костадин Костадинов.
Орце Костов