Претседателот Стево Пендаровски во вчерашното интервју на телевизија Канал 5 откри дека Македонија добила критики од странските партнери, а особено од САД, за одлуката сега веќе поранешниот директор на АНБ, да биде испратен за амабасадор во Франција.
Пендаровски откри и дека земјата-домаќин, односно Франција дала агреман (согласност) за Димовски, но тој дел од процедурата бил завршен пред да избие скандалот со издавањето македонски пасош на контраверзниот Олександр Онишченко.
Владата се уште ми го нема испратено последното барање, односно да потпишам Указ за испраќање на Димовски за амбасадор. Речено ми е дека за ова, во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред се мислам на САД, дека треба да преиспитаме дали треба да останеме на тоа решение. Или и некои други опции би влегле во игра, рече Пендаровски.
Ја прашавме Владата дали е точно дека добиле критики, односно дека стратешките партнери на Македонија се против тоа Димовски да биде амбасадор, но оттаму не добивме конкретен одговор.
Не упатија на веќе дадени изјави на премиерот Ковачевски, со кои се алудира дека Владата веќе дала позитивно мислење, односно предлог Димовски да биде амбасадор, а сега топката е во Собранието и кај претседателот Пендаровски.
Во врска со вашите прашања, ве упатуваме на следните одговори на премиерот Ковачевски:
„Поставувањето на амбасадори е процедура која што вклучува повеќе институции, тука пред сѐ мислам на Министерството за надворешни работи, на Владата како институција, на Комисијата за надворешна политика и на претседателот на државата. Што се однесува до Владата таа постапка е завршена, во однос на понатамошниот тек на постапката ќе мора да се обратите до Собранието и до претседателот на државата.“, гласеше одговорот на Владата.
Од Владата ни ја повторија и изјавата на Ковачевски дека постапката за именување и испраќање на амбасадори е постапка која додека не заврши не се коментира.
Пред пет дена, министерот за надворшени работи, Бујар Османи најави дека деновиве треба да се одржи консултација со претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се донесе одлука дали Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз, по случајот со државјанството на Олесандр Онишченко.
Процедурата е до фаза кога треба да помине во Собрание во Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот, одбранети се тезите и треба да оди во Комисија за надворешна политика. Меѓутоа, како што знаете и претседателот иницираше процес на консултации помеѓу претседателот, премиерот и мене, како министер за надворешни работи, за да ја процениме состојбата после овој развој на настани и после ќе донесеме на одлука. Досега нема донесена одлука по однос на амбасадорот, но верувам наредните денови ќе имаме таква консултација, изјави Османи.
Сепак, и по пет дена од најавата, најавената консултативна средба се уште не е одржана.
Останува да се види дали Владата жешкиот костен сега ќе му го префрли на Пендаровски, откако против именувањето на Димовски за амбасадор застанале САД и уште неколку странски партнери, односно тој да не го потпише Указот за испраќање на поранешниот директор на АНБ за амбасадор во Париз.
Катерина Смилева Божиновска