Македонскиот претседател Стево Пендаровски е со став дека барањето на Бугарија да учествува во процесот на носење на измените на македонскиот Устав е скандалозно и дека такви барања не упатуваат ниту окупатори.
„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ни окупаторите на земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21. век е апсолутно непримерно да се бара, да се мешаат во внатрешната политика и внатрешните политички и уставни процеси. Во таа смисла, нашиот одговор на МНР беше на место“, рече Пендаровски по денешната конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“.
Македонското МНР вчера излезе со соопштение дека не постои ниту можност, ниту политичка волја за вклучување на Бугарија во процесот на уставни промени поврзани со пристапните преговори за членство во ЕУ. Ставот на македонското МНР дојде откако бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков изјави дека Бугарија сака да биде консултирана за уставните измени.
„Колку што знаеме веќе има некои опции за идни текстови кои се дискутираат таму, а биле прифатени како можни промени на уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено. Би сакале да се консултираме за овие прашања“, рече Милков.
За концептот околу мнозинства и малцинства во Република Македонија, Пендаровски смета дека е надминат, а таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.
„И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин „национални малцинства“ туку имаше „народи“ и „народности“. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“ рече Пендаровски.
На прашањето дали номинира претставник во работната група за измени на Уставот, рече дека професорот од Правниот факултет – Александар Спасовски, кој е негов правен советник, ќе биде дел од таа работна експертска група.