Ниту љубовен тунел, ниту организиран новогодишен дочек во Неготино!

by fokus

Интересниот новогодишен реквизит, кој лани се најде на градскиот плоштад во Неготино, а кого граѓаните на шега го нарекоа Тунел на љубовта, годинава не е дел од украсите кои општината ги поставува по повод празниците. Конструкцијата во вид на тунел со светилки, од кои повеќето беа прегорени, минатата година ,,осамна” на плоштадот, а неготинчани кои две години по ред беа оставени без организиран новогодишен дочек на плоштадот, коментираа во свој стил -Ако немаме новогодишен дочек, барем го имаме тунелот на љубовта, кој ќе помине под него, цела година ќе има среќа во љубовта.

Но, годинава, за Неготино нема ниту организиран дочек, ниту пак тунел на љубовта. Истиот, но сега со исправни светилки, се наоѓа во Струмица. Градот е украсен скромно, за разлика од повеќето општини во земјава, кои уште пред неколку недели се пофалија со блескавата атмосфера на социјалните мрежи. Околу тоа дали Неготино и го подари тунелот на Општина Струмица, комуналниот инспектор Бранко Велјанов за ,,Фокус” вели дека тунелот не и припаѓа на општината и градот не одлучувал какви декорации ќе добие, туку тоа зависело од фирмата која што на општините им ги изнајмувала новогодишните реквизити за украсување.

-Тунелот лани случајно го добивме, годинава го нема помеѓу украсите. Со нашиот скромен буџет за украсување, од околу 350.000 денари, ова што е украсено во Неготино е најмногу што можевме – појаснува Велјанов.

Граѓаните и годинава негодуваат бидејќи нема никаква најава за организиран дочек на плоштадот. Претходните две години, претседателот на Советот Диме Витанов изјавуваше дека средствата планирани за дочекот ќе биле пренаменети за хуманитарни цели, но одговор на прашањата колку средства и на која адреса завршиле, никогаш не добивме.

За разлика од Неготино, повеќето општини уште пред еден месец ја објавија својата Новогодишна програма. Најчесто ќе се слави со домашни музички ѕвезди, освен во Скопје, каде главна музичка ѕвезда ќе биде Дино Мерлин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости