Ниту куршуми не ги одалечија Авганистанците од американските авиони

by fokus

Американските сили кои го одржуваат редот на аеродромот во Кабул и го контролираат процесот на евакуација од Авганистан денеска на неколку пати употребија огнено оружје за да го стават под контрола неконтролираното однесување на толпата.

Претставникот на Пентагон, Џон Кирби, денеска потврди дека засега ништо не укажува дека во пукањето има загинати или повредени, како и дека американските војници не пукале ниту на Авганистанците, ниту на било кој друг.

Кирби потврди дека бројот на американски војници на аеродромот во Кабул денеска достигна 4.500, како и дека во следните 24 часа се очекува да пристигнат уште неколку стотици припадници на американските вооружени сили.

Талибанските власти одделно денеска потврдија дека нивните команданти и војници пукале во воздух за да ја растераат хаотичната толпа на аеродромот во Кабул.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружат драматични снимки од евакуацијата од аеродромот во Кабул. Видеата го шокираа целиот свет и го покажаа вистинскиот очај на авганистанските граѓани кои на секој начин се обидуваат да избегаат од талибанците, свесно ризикувајќи ги своите животи.

Најново, се појави нова снимка на која е покажано како млад човек се качил на тркалото на американски авион, и сето тоа го снимил оттаму со својот мобилен телефон. На видеото се гледаат и неколку други луѓе до него. Не е познато што се случило на крајот со човекот што го снимил ова видео.

Поврзани новости