Во изминатите два дена во шест училишта се вакцинирани стотина деца. Во неколку училишта се уште имаме отпор од родителите и реакции од училиштата во однос на тоа како треба да се спроведува вакцинацијата. Работевме на тој проблем и во координација со Министерството за здравство, директорите на школите и локалната самоуправа и изнајдовме решение, што ни овозможи во училиштата каде не беше дозволен пристап на вакциналните тимови, а тоа е во ОУ „Кочо Рацин“ и во ОУ „Владо Тасевски“ в петок да организираме вакцинирање на терен за децата од школска возраст. Проблемот во ОУ „Ѓоргија Пулевски“ ќе го решиме во наредниот период.
Ова денеска го изјави директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, кој рече дека ниту едно дете без согласност на родителот нема да биде вакцинирано. Посочи дека вакцинацијата не се спроведува првпат и затоа пристапиле кон ваков начин на решавање на проблемот во врска со невакцинираните деца.
– Дадовме изјави до сите диспанзерски тимови кои треба да им ги дадат на родителите кои ќе бидат присутни на лице место да ги потпишат дека се согласни да им биде вакцинирано нивното дете, а оние деца кои ќе бидат без родители треба да донесат писмена изјава од родител дека е согласен тоа да биде вакцинирано, истакна Мехмедовиќ.
Според списоците кои имаат за невакцинирани деца во училиштата, посочи, вкупната бројка е 3.700, а само во ОУ „Кочо Рацин“ има 98 кои се потенцијално изложени на ризик да бидат инфицирани од морбили сега кога се наоѓаме сред епидемија.