Вчера во Јавната установа Зоолошка градина на Град Скопје, угина последната жирафа.
Флопи е трета жирафа во ЗОО Скопје која угина за краток период, откако пред неа во мај годинава угина и Каспер, а пак жирафата Тобого угина во јануари 2021 година.
Пред тоа пак, во 2014 година угина жирафата Орка.
Животниот век на жирафите е околу 25 години, но ниту една од оние во ЗОО Скопје не доживеа толку. Тобого угина на 13 години, според објавените информации од срцев удар, Каспер на 12 години од салмонела, Флопи имаше околу десет години, Орка имаше триипол години и угина од воспаление на тенките црева и 12-палачното црево, предизвикано од бактерија ешерихија коли.
Директорот на установата, Зоран Попов од вчера, откако неофицијалната вест за угинувањето на жирафата ја дознавме од вработени во зоолошката, кои не се овластени официјално да даваат изјави, не одговара на нашите телефонски повици и пораки. Не се огласува ниту пак ПР службата, иако лицата за контакт со медиуми се јавно истакнати на страницата на ЗОО Скопје, со име, презиме и телефонски број.
Кратко соопштение се објави денес, пред малку, во кое се вели дека законските процедури биле запазени и биле во тек, а штом се добиеле резултатите од обдукцијата на Флопи, ќе била известена јавноста.
Низа на трагични настани се случуваат изминатиот период во зоолошката, а секој настан излезе во јавност првично според неофицијални информации на вработени лица, кои се загрижени за добросостојбата на животните. Став од институцијата, или потврда за настаните, по макотрпни обиди од страна на медиумите, во сите случаи се извлекуваше со денови подоцна.
Таква беше ситуацијата со угинувањето на жирафата Каспер, за која подоцна беше утврдено дека починала од салмонела, но никој не презеде одговорност, потоа со труењето со јак отров на ретката раса пржевалски коњи, за што сторителот не е откриен, со губењето на кандидатскиот статус за Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми – ЕАЗА, со кланицата на коњи чие месо било наменето за исхрана на животните…
Во јавна установа, како што е ЗОО Скопје, транспарентноста не смее да се турка под тепих и јавноста има право да знае што се случува, дали и поради која причина угинало некое животно, дали се води соодветна грижа за животните кои не по своја воља живеат таму, но и дали и како некој одговарал кога се случил немил настан.
Веќе подолг период се актуелни обвинувања дека установата нема доволен број на ветеринари, но по труењето на коњите, кога зоолошката повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста, директорот Попов тврдеше дека имаат доволен број на стручни лица кои водат соодветна грижа за здравствената состојба на животните.
Од институција која до пред две години важеше за една од најпосетуваните и ги полнеше страниците на домашните, но и странски медиуми со разни атракции, денес вестите од ЗОО Скопје се поразителни. Недостатокот на официјални информации од страна на надлежните во институцијата дополнително ги зголемува сомнежите и ги подгрејува шпекулациите околу тоа што навистина се случува во градината.
На социјалните мрежи, се почести се реакциите на граѓаните кои бараат да се затвори зоолошката, со цел да се спречи понатамошно страдање и угинување на невините животни, а истите да се дислоцираат во современи зоолошки градини каде ќе добијат потребна нега и достоинствен живот.
-Животните не се предмети, ниту пак украс! Поштедете ги од страдање и затворете ја зоолошката градина – се најчестите коментари по повод настаните во градината.
Вики Клинчарова