На денешната седница на Советот на јавните обвинители не беше избран ниту еден од шестмината пријавени обвинители за во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
На огласот требаше да се изберат четворица обвинители.
Поддршката на членовите не ја добија пријавените кандидати: Арсим Адеми, Милица Гаврилова, Маја Коневска, Верица Беджетска Крстева, Елизабета Јосифовска и Златко Биковски.
Обвинителката Милица Гаврилова од 2018 година е обвинител во Организиран. За неа гласаа шестмина членови на Советот, но не беа доволни бидејќи не доби бадентерова поддршка. Поддршката не ја доби и Маја Коневска, која веќе три мандати е дел од ова обвинителство. За неа гласаа петмина. За нејзиниот неизбор реагираше Фиданка Рајевска, која истакна дека Коневска требало и понатаму да остане дел од ова обвинителство. Двете обвинителки сега ќе треба да се вратат во основните обвинителства.
Поддршката на Советот не ја доби ниту гостиварскиот обвинител Арсем Адеми, кој во јавноста е познат како обвинителот кој се согласи Зоран Милевски Кичеец да биде осуден на шестмесечна казна за сообраќајка со еден починат. Зелено светло не доби ниту обвинителката Верица Беджетска Крстева, која доаѓа од скопското обвинителство.
Против избор на обвинителката Елизабета Јосифовска гласаа речиси сите членови, односно двајца беа воздржани, а останатите гласаа против. За неа во моментот се води дисциплинска пистапка за претресот во Управата за финансиска полиција. Поради дисциплинска постапка не беше избран ниту обвинителот Златко Биковски од Берово.
Претседателот на Советот, Антонио Јолески, истакна дека се пријавени мал број на кандидати, иако очекувале повеќе и тоа од помладите обвинители.
Валентина Вурмо