Сите 793 граѓани од Авганистан, кои пред две години беа сместени во Македонија, со цел да се спасат од талибанскиот режим, заминале од земјава кон своите крајни дестинации, најчесто Канада.
Во август 2021 година земјава покажа солидарност и се приклучи кон глобалната иницијатива за спасување на авганситанското население, чии животи беа доведени под ризик од страна на талибанскиот режим.
Веста дека Авганистанците си заминале од земјава ја соопшти Марјан Забрчанец, Национален коррдинатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
-Покажавме солидарност, хуманост, систем и исклучително ниво на соработка меѓу институциите и граѓанските организации. Мисијата беше комплексна – пречек, прва помош, логистичка поддршка за превоз и сместување, психо-социјална поддршка, здравствена заштита, безбедносна заштита, прифаќање.
Две години подоцна кажуваме дека успеавме. 793 граѓани од Авганистан, активисти за демократија, вработени во меѓународните мировни мисии и нивните семејства успешно се извлекоа од теророт на Талибанците, ги заштитивме тука кај нас, а сега сите се заминати и живеат во своите нови крајни дестинации, повеќето во Канада- посочува координаторот.
Додава дека во тој период предизвик било справувањето со дезинформациите, дека „Владата ќе ја насели Македонија со Талибанци”, и за почит било тоа што демократското население на подлегнало на дезинформациите.
-Успеавме и во тој дел – демократското македонско население не подлегна на ширењето страв и омраза и во огромно мнозинство ја прифати и поддржа нашата мисија за спасување животи.
Мисијата за спасување на демократското население од Авганистан беше водена и помогната од Владата, министерствата за здравство и за внатрешни работи, Амбасадата на САД, конзулатот на Канада, Црвениот крст, National Democratic Institute, Open Society Foundations, UNICEF, UNHCR, Македонското здружение на млади правници, Ла страда и други-истакна Забрчанец.
Вики Клинчарова