Кога граѓаните ќе носат одлука на изборите ќе треба да ги потсетиме на околностите со кои се соочуваше оваа влада, вели вицепремиерот во Владата Артан Груби во Студио 10 на ТВ 24.
„Оваа влада се соочи со здравствена криза, по што заради Албанија не ги отпочнавме преговорите со ЕУ во 2021 година. Потоа следеше оставката на Заев. Па војната на Русија против Украина, која предизвика енергетска и општа криза насекаде во светот, но ние најдовме мерки и решенија“ рече Груби.
Тој вели дека ДУИ ќе се откаже од премиерската позиција доколку ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени.
– Јас никогаш не сум кажал дека Албанците владеат со државата туку дека и Албанците владеат со државата. Оние прашања што ги покренавме во предизборната кампања веќе се реализирани, вели Груби и коментира дека денеска се се вади од контекст и се спинува. – Ниту Албанците може да владеат сами ниту Македонците може да владеат сами, додаде тој.
Вели дека не се точни тврдењата дека Ахмети го спасувал Груевски и дека тоа е пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ, која се пренесува преку албанската опозиција.
Негира дека во неговиот кабинет се сместени портали и вели дека нема потреба од тоа затоа што има свој Фејсбук профил и страница. За Груби најдобар кандидат за премиер Албанец би бил Али Ахмети, но според Груби, Ахмети има други планови.