Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон, САД, со премиерот на Унгарија Виктор Орбан договорија специјална економска соработка според која унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Дополнително, земјава ќе може да се обрати за дополнителна економска поддршка.
-Денеска заедно со премиерот на Унгарската Влада, господинот Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба. Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија, информира Мицкоски по средбата.
Специјалната економска соработка подразбира дека во иднина кога ќе има потреба, Македонија повторно ќе може да се задолжи кај унгарската влада.
Од овие 500 милиони, 250 ќе одар директно како поддршка за македонската економија под исти услови како што се зема кредитот од Унгарија, а останатите 250 милиони ќе бидат наменети за капитални проекти во општините.
Ова е само половина од тоа што го вети македонскиот премиер Христијан Мицкоски ден по победата на изборите на 10 мај.
Мицкоски гостувајќи во „Само интервју“ на „Канал 5“ ја најави амбициозната агенда во економијата со сериозна странска инвестиција во енергетиката, односно парк со ветерници крај Радовиш , влез на две странски компании во слободните економски зони и финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од една милијарда евра.
– Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка, рече Мицкоски потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.
Ваквата најава дојде веднаш по убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори. Презадолжувањето на земјата беше еден од клучните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања дека власта на СДСМ и на ДУИ водела лоши економски политики.
Милијардата што ја најави Мицкоски беше дел од амбициозната програма на партијата, а која се состои од 1.198 проекти и мерки кои ги вети ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.
„Фокус“ пишуваше неодамна дека финасискиот пакет кој ќе го потпишат владите на Унгарија и на Македонија најверојатно ќе се реализира преку тамошната државна „Ексим Банк“ која и претходно обезбедувала кредити на земји во развој, но според унгарските медиуми нема силно портофолио за обезбедување на толку високи суми.
Експорт-импорт „Ексим Банк“ има искуство со кредитирање на земји надвор од Европската унија. Во 2021 година истата банка ја поддржала владата на Република Српска предводена од Милорад Додик со 116 милиони евра, а поддржувала земји како Иран, Лаос и Египет.
Орце Костов