Додека претседателот Ѓорге Иванов чека некој од аболицираните сами да побараат да не се помилувани, странските дипломати во земјата уште еднаш јасно порачаа дека аболицијата мора да се повлече комплетно и недвосмислено.
Холандскиот амбасадор Вутер Пломп порача дека излегувањето од оваа политичка криза без комплетно и сеопфатно повлекување на помилувањата ќе биде тешко. Тој вели дека тоа е неопходно, за потоа земјата да се насочи кон имплементација на неопходните реформи кажани во Извештајот на Прибе и во пржинскиот договор.
За амбасадорот на САД, Џес Бејли договорот од Пржино е жив, но и тој напоменува дека за негова имплементација аболицијата треба да се повлече јасно и сеопфатно.
-Неговите фундаментални елементи – одговорност за скандалот со прислушквањето, инклузивен политички процес особено во Собранието и реформи кои водат кон веродостојни избори остануваат најдобриот начин за излез од сегашната политичка криза и кон интеграција во ЕУ и НАТО- порача Бејли.
Дипломатите генерално се воздржани околу идните настани и потези и оценуваат дека политичката ситуација е многу конфузна и комплексна и дека се чека, пред се, повлекување на аболицијата. Единствена закана кон Македонија, ако не се случи тоа, засега е одземањето на препораката, но без јасен тајминг.
На домашната сцена пак, власта и опозицијата продолжуваат да кршат копја за разрешувањето на Иванов, поради колективната аболиција.
Опозиција на денешната седница за импичмент на Иванов, обвини дека ретседателот со колективниот чин на аболиција прекршич најмалку пет члена од Уставот што го правело недостоен за извршување на функцијата.
ВМРО-ДПМНЕ пак, е децидна дека иницијативата за импичмент на Иванов е уште еден обид на СДСМ за уривање на институциите на државата и стои на ставот дека колективната аболиција била неопходна за излез од кризата.