Без разлика на заедничката платформа на албанските партии која беше потпишана во Тирана, високите претставници на албанската држава одрекуваат дека на каков било начин се вмешале во внатрешните работи на Македонија, јави Алсат-М.
Претседателот на Албанија, Бујар Нишани, во интервјуто за емисијата „200“ објасни дека идејата за заедничка платформа дошла од партиите во Македонија, а Албанија се грижела за Албанците каде и да се.
-Иницијативата е од албанскиот фактор во Македонија за да ги информира релевантните фактори во Албанија. Нема никакво мешање бидејќи нема никакво иницирање на посебна иницијатива за начинот на кој Албанија треба да им каже на Албанците во Македонија како тие можат да ја изградат идната влада, како тие треба да одлучуваат во коалиции, како треба да одлучуваат при именувањето на луѓето кои ќе ги претставуваат – изјави Нишани.
Ова следува откако шефот на македонската дипломатија Никола Попоски им порача на Албанија и Косово да не се мешаат во формирањето на новата влада во Македонија.