Во моментов нема услови Бугарија да се согласи С Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, оцени претсдателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, за време на прес-конференцијата во седиштето на партијата, по состанокот со македонскиот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, пренесува новинската агенција Фокус.
-Нашата позиција останува непроменета. Во моментов нема услови Бугарија да даде согласност за почнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Ја искажавме нашата подготвеност да останеме отворени за дијалог на сите нивоа за да најдеме решение за ова прашање, бидејќи нашиот принципиелен став е дека пристапувањето на С Македонија во ЕУ е гаранција за регионот и можност за развој, нагласи Нинова.
Таа додаде дека за да почнат преговори, мора да се исполнат условите од Договорот за соседство.
-Ние секогаш го поддржувавме пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Ние го поддржавме Договорот за добрососедство, како и Декларацијата на Бугарското национално собрание. Го поздравуваме дијалогот на највисоко ниво, но не го одобруваме говорот на омраза што постои во С Македонија кон Бугарија, дискриминацијата на луѓето што се определуваат со бугарска самосвест, како и изобличувањето на историските факти и вистината. Ние целосно разбираме дека нашите очекувања како партија се дури и поголеми отколку за другите партии, бидејќи ние и Социјалдемократскиот сојуз, кој владее во С Македонија предводен од Заев, сме партнерски партии, учествуваме во заедничките меѓународни организации на социјалистичките и социјалдемократските партии. Ние сме партнери, ние сме и пријатели. Ние го почитуваме ова пријателство и партнерство, но Бугарија и бугарскиот национален интерес ги ставаме над се, вели Корнелија Нинова.