Бугарската вицепремиерка и министерка за економија Корнелија Нинова, која е лидер на БСП, изјави за БНТ дека ако Националното собрание одлучи Бугарија да и обезбеди оружје на Украина, нема да ја потпише одлуката како министер за економија и индустрија, дури по цена да биде сменета од Владата.
Според Нинова, ваквата одлука на Парламентот на Бугарија многу би ја искомплицирала ситуацијата.
Таа истакна дека нема да потпише документ со кој и се дозволува на Софија да извезува воена помош за Киев. Според неа, бугарскиот интерес и повеќето граѓани сметале дека оружје не треба да се извезува во Украина.
Нинова нагласи дека БСП се изјаснила против нејзиниот колега, вицепремиерот Асен Василев, кој рече дека бугарската Влада разговара за протерувањето на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова. Според неа, прогласувањето на Митрофанова за персона нон грата е последниот чекор, еднаков на прекин на дипломатските односи на Бугарија со Русија.
Лидерката на БСП најави дека нејзината партија ќе се спротивстави на купување осум нови авиони-ловци Ф-16 од САД, бидејќи според нивните сметки, Бугарија во овој момент не може да одвои средства за тоа.
Нинова ги повика своите коалициски партнери од „Продолжуваме со промената“ и „Има таков народ“ да најдат начин да ги намалат меѓусебните тензии, поради изборот на шеф на Бугарската народна банка. Таа смета дека било грешка да се предложат двајца партиски кандидати за таа функција. Според Нинова, двете кандидатури на владејачката коалиција во Бугарија треба да се повлечат и на оваа функција да се избере независен банкар со многу широко искуство.