И покрај забелешките на водителот Васко Попетревски дека јавно соопштените информации говорат оти Русковска освен исказот имала и други докази, Мицкоски не отстапи од тезата.
-Исказот на едно лице за случајот 27. април, неправедно внесе во затворска казна луѓе кој што се осудени на 18, 15, 12 години, затоа што истите тие лица таму се наоѓаат поради исказ на само едно лице, без ниту еден доказ, кажа Мицкоски, кој на новинарско прашање потврди дека мисли на Нинџа.
Нинџа, преку адвокатското друштво „Давидовиќ-Јанковиќ“, реагира дека Мицкоски шири невистини и дека со ваквите тврдења ја загрозува неговата безбедност и безбедноста на неговото семејство.
„Доколку ја прочитал пресудата, а сигурни сме дека тоа не го сторил, Мицкоски многу лесно ќе констатираше дека во пресудата, која е напишана на преку 1 000 страници, на неколку десетици страни во пресудата се набројуваат доказите кои судот ги извел како доказ и врз основа на кои ја темели пресудата. Само еден од доказите е исказот на Александар Василевски – Нинџа. Дали доказите се доволни и во колкава мера за да го докажат постоењето на кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите не сакаме да коментираме, за тоа веќе сме го кажале своето мислење и во текот на постапката и во медиумите по завршување на истата…
Тврдењето дека само врз основа на исказот на Александар Василевски Нинџа е донесена пресудата е невистинито и тендензиозно, со намера да се наштети на неговиот углед и чест, а веродостојноста на неговиот исказ да се намали. Покрај ова, не е точен фактот дека изјавата на Василевски е менувана трипати, бидејќи изјавата во основа и својата суштина не е сменета и покрај тоа што е трипати давана, туку истата е надополнувана со уште некои детали. Сево ова може лесно да се утврди од исказите на Василевски“, пишува во демантот.
Реакцијата можете да ја прочитате на порталот на „360 Степени“ на следниот линк.