Апелацискиот суд не ги прифати жалбите на Алекасандар Василевски – Нинџа, Горанчо Ангеловски – Ќосето, Никола Митревски – Кољо, Младен Додевски и Оливер Поповски, кои се жалеа до повисокиот суд откако Кривичниот суд, со претходно мислење од обвинителството, не ги амнестираше за крвавите настани во парламентот на 27 април.
Адвокатот на Нинџа, Звонко Давидовиќ, смета дека не требало да се одлучува за амнестијата додека не заврши судењето за 27 април.
-Во законот стои дека судот ќе донесе решение за амнестија и тоа оној суд кој го донел првостепеното решение односно првостепената пресуда. Ние во овој предмет немаме првостепена пресуда и овој суд не може да решава за ова според законот. Ниту еден кривичен совет не може да биде попаметен и над законот – изјави Давидовиќ.
Драган Пешевски, адвокат на Ќосето, очекувал жалбата на неговиот клиент да биде прифатена.
-Она што беше напишано во решението со кое се одбива молбата за амнестија кај Горанчо беше апсолутно неосновано. Таму се тврдеше дека пробива полициски кордон а тоа било според обвинителен акт, но такво нешто ако го земеме и прочитаме обвинителниот акт внимателно и ако направиме анализа на доказите такво нешто не постои – посочи тој.
Инаку, за настаните од 27 април амнестија добија 15 лица, меѓу кои се пратениците кои ги отворија вратите во Собранието за да влезе толпата, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Владо Јовановски.