Нинџа ги разоткри функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои давале наредби за упадот во Собранието, меѓу нив: Јанакиески, Ристовски, Бришковска, Божиновски и Чавков

by Fokus

Во својот исказ денеска пред судот обвинетиот Александар Василевски Нинџа ги разоткри поранешните функционери на ВМРО ДПМНЕ кои давале насоки за упадот и настаните во Собранието на 27 април, од седиштето на партијата, односно од белата палата.

Како што рече тој, во просторија на осмиот спрат од белата палата се давале наредбите. Таму се наоѓале Билјана Бришковска, Спиро Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Митко Чавков.

-Влегов внатре и седнав на една маса, како се движеше толпата така се даваа наредбите. Бришковска комуницираше со Трајко Вељановски, истиот и даваше насоки за состојбата внатре. Миле Јанакиески мислам и тврдам за Спиро Ристовски комуницираа со Бетмен Велит. Кирил Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија најитно да дојдат во Скопје со директива од партијата. Сакам да нагласам дека од тука се координираше сето тоа што се случи на 27 април – рече Нинџа.

Тој понатаму продолжи: -Билјана Бришковска кажуваше дека првото сценарио не успеало, дека пратениците не си ја завршиле својата работа, не предизвикале инциденти и немало тепачки меѓу пратениците, од неа дојде насока му се јави на Вељановски и му рече да се отворат вратите на Собранието – посочи тој.

Како што рече Нинџа, потоа тогашниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски, му дал наредба да оди на терен, односно пред Собранието и од таму да известува што се случува. Василевски потоа раскажа како пред Собранието го сретнал Горан Грујевски и како се очекувало претседателот да прогласи воена состојба, но до тоа не дошло.

М.В.

Поврзани новости