Нина Николиќ: Со дигитализирање на нашиот стартап и иновативен еко систем ќе станеме пионери на Балканот

by Fokus

Македонската стартап заедница доби свој центар MKstartups Space наменет за настани, вмрежување и едукација на иновативните претприемачи. Центарот се наоѓа во Скопје на локација кај автобуската станица Рекорд, и е под водство на Асоцијацијата Стартап Македонија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој. По тој повод разговараме со една од иницијаторите – Нина Николиќ, Координатор на Швајцарската програма за претприемништво, (SwissEP).

Фокус: Што точно преставува центарот MKstartups Space и за кого е наменет? 

Нина Николиќ:  #MKstartups Space, е првиот Центар на Заедницата на Претприемачи – кој Скопје го заслужува и од кој сите ќе имаме огромна корист. Визијата на неколкумина лидери на стартап и иновативниот екосистем, денес стана реалност.  Ние би сакале овој простор да има “чувство на сопственост на заеднцата”, за таа цел тука ќе може да се добијат информации за развојот на стартап / технолошки екосистеми во регионални и светски рамки, работилници, содржина и програми што ќе им донесат вредност на претприемачите, промоција,  регионално и интернационално поврзување и соработка со странски експерти.

Добредојдени се сите кои сакаат да прават позитивни промени, имаат иновативни бизнис идеи и сакаат активно да учествуваат во зајакнување на овој екосистем.

Фокус: Какви се активности се предвидени во центарот?

Нина Николиќ: Центарот пред се ќе биде meeting point за првично запознавање и вовед во стартап и иновативниот екосистем. Понатака преку Стартап Македонија ќе продолжи соодветно поврзување со релевантните локани партнери. Планирано е барем еднаш неделно да има по еден отворен meetup со локален/странски експерт на одредена тема, конусултации и совети, а и сите кои што имаат експертиза и сакаат да споделат знаење на релевантна тема ги поканувам да се пријават преку оваа кратка форма и тимот на Стартап Македонија ќе ги исконтактира и ќе добијат поддршка при организација и промоција.

Фокус: Како може стартап компаниите да се активираат во центарот и кои се придобивките за нив?

Нина Николиќ: Стартапите овој простор можат да го искористат за информирање и вмрежување. Да бидат дел од некој од настаните од нивен интерс или да организираат open day и да ја запознаат заедницата (и потенцијалните инвеститори) за нивниот продукт/услуга. Исто така од голема корист за стартапите е да се приклучат на дигиталната платформа од која редовно ќе ги добиваат сите за нив важни информации. Со оваа платформа ние сакаме да го дигитализираме нашиот стартап и иновативен еко систем и е предвидено таа да биде оперативна до крајот на оваа година, со што ќе станеме пионери на Балканот.

Фокус: Потпишавте договор со Фондот за иновации и технолошки развој, колку е важна соработката и поддршката од државните институции?

Нина Николиќ: Да, Асоцијата Стартап Македонија потпиша договор за соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, што стратешки помогна да се реализира овој “дом” на стартап заедницата, физички простор и претприемачки центар на заедницата, каде ќе се спојат сите актери во македонскиот екосистем под еден покрив.
Тоа дополнително овозможува позабрзан раст и развој на нашиот екосистем. За успех да се постигне најважни се сорабтоки со вистински партнери.

Како група на лидери активно го развиваме македонскиот стартап екосистем веќе 5 години. Работиме на зајакнување на капацитетите, зголемување на претприемачкиот начин на размислување, споделување на можности и надминување на предизвици. Сметам дека поддршката доаѓа во вистинско време. Заедно би можеле да соработуваме на креирање мерки и програми кои ќе донесат вредност, поготово за младите и упорните кои се спремни да креираат успешни стартап приказни од нашата држава.

 Фокус: Стартап Македонија во април годинава објави Google Digest календар  кој постојано се ажурира со настани, обуки и активности наменет за сите кои се дел од стартап заедницата. Дигиталната платформа е во изработка колку компании се регистрираа и како  функционира платформата? 

Нина Николиќ: Календарот е месечен преглед на сите настани, тренинзи, обуки, работилници кои што се поврзани со стартапи и иновации. Одличен агрегатор за сите кои сакаат навремено да се инфмормирани, исто целта му е да се избегне моментот на два три настани во исто време за истата таргет публика. Сите настани и до МКстартапс центарот ќе бидат објавени и таму.

Дигиталната платформа е во фаза на изработка, се надеваме до крајот на Ноември да ја имаме првата бета верзија, а досега на неа се имаат регистрирано 100тина стартап компании. Ги повикауваме да се приклучат сите, да бидат дел и од оваа платформа и од екосистемот, бидејќи една од главните цели е да се следи фазата на развој на стартап компанијата и во зависност од тоа во која фаза е партнерските организации да креираат и имплементираат customized програми за нив. На истата платфомра ќе има и други многу корисни алатки, како и информации за кои странски експерти од  Швајцарската програма за претприемништво, (SwissEP) е тука да работи со нив.

С.Т.

 

Поврзани новости