Медијаторот Метру Нимиц по средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Скопје во изјава за медиумите рече дека не очекува драматичен пресврт во скоро време во однос на преговорите за името.
Нимиц нагласи дека треба да се најдат начини да се интензивира процесот, дека работите се движат, но дека нема драматичен развој кон решение на спорот. Нимиц објасни дека тој и Димитров на средбата разговарале за генералните позиции и за настојувањето на Владата да се отвори кон соседите.
„Не зборувавме за конкретни предлози, ниту, пак, за нови концепти, ниту, пак, дојдов со нов предлог“, изјави Нимиц.
Како што имформираше тој, посетата на Атина е одложена поради презафатеноста на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, со средби за кипарското прашање, но поврди дека таа ќе се оствари во секој случај.
Прашан дали гледа шанси за прогрес на грчката страна околу нивните црвени линии, Нимиц рече дека за да се реши прашањето треба прогрес на двете страни, но и дека и едните и другите треба внимателно да ги слушнат меѓусебните позиции.
На прашањето како го оценува потпишувањето на времената спогодба, Нимиц одговори дека станува збор за времена спогодба која е функционална за многу цели.
Околу форматот и нивото на разговорите и можноста тој да се смени, Нимиц забележа дека тој последните години веќе е сменет и дека подолг период немаше воопшто состаноци на преговорачите.
Специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Нимиц претпладнево во Владата имаше средба и со премиерот Зоран Заев. Нимиц е во неколкудневна посета на Скопје на разговори со државниот врв за можностите за решавање на спорот за името.