Нил Фолберг ќе ја промовира фотомонографијата „Огледало во Македонија“ во МКЦ

by fokus

Фотомонографијата „Огледало во Македонија“ од Нил Фолберг ќе биде промовирана на 19 јуни (понеделник), со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотор на книгата ќе биде професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а модератор – Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е етнографска фоторепортажа за нашата земја од седумдесеттите години на минатиот век.  Фотографот Фолберг, кој живее и работи во Израел, пред присутните на промоцијата во МКЦ, ќе ги претстави фотографиите што ги снимил пред повеќе од 50 години во Скопје. Настанот ќе се одвива на македонски јазик со посредство на консекутивен преведувач од англиски јазик, при излагањето на Нил Фолберг.

Привлечен од Македонија и од нејзината динамична фолклорна култура, во 1971 година Нил Фолберг добива стипендија од Универзитетот на Калифорнија во Беркли за да помине пет месеци фотографирајќи ја земјата и луѓето во оваа нерамна, планинска земја, во тоа време дел од Југославија. Полицијата и службите за државна безбедност ја комплицираат задачата на Фолберг. Во својот есеј, Фолберг пишува за неговата работа, за социјалниот и уметничкиот контекст и за неговите разговори со мајсторите покрај кои студирал, фотографите Ансел Адамс и Вилијам Гарнет. Гледајќи наназад од перспектива на педесет години (кога по првпат во 2021 година е објавена книгата на англиски јазик, н.з.), Фолберг пишува: „Каде се сите тие анонимни луѓе кои ги запознав, секој со своја приказна? Каде се тие денес? Сите тие се тука, на овие фотографии. Но, тука е и изненадувањето: гледајќи наназад низ овие прозорци наоѓам огледало што ме одразува мене, 21-годишен студент од Беркли. Се гледам себеси како поставувам статив и фотоапарат на јавен плоштад, каде што луѓето или поминуваат околу мене или ми приоѓаат, привлечени или одбиени од мојот фотоапарат. Тајни агенти ме следат, но јас не ги гледам. Се набљудувам себеси во огледалото на времето“.
„Начинот на живот прикажан овде, без разлика колку е суров, се чини како интегрирана, органска целина, хранливa како тврд црн леб“, се вели во објавата на „Сент Луис пост диспеч“ за оваа фотомонографија.

Нил Фолберг е роден во Сан Франциско во 1950 година. Денес живее во Израел, каде што ја води галеријата „Визија“ во Ерусалим. Има објавено и други книги, меѓу кои се „И јас ќе живеам меѓу нив“ (And I Shall Dwell Among Them) и „Небесни ноќи“ (Celestial Nights). Неговите фотографии се изложувани во музеи и галерии низ целиот свет, а неговите принтови се наоѓаат во големи музејски колекции.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во Младинскиот културен центар.

Поврзани новости