Русија и Украина денеска за прв пат седнаа на преговарачката маса во обид да се договорат, а во меѓувреме продолжуваат борбите на територија на Украина. Се уште не е соопштено дали и што е постигнато при денешната средба која продолжува и попладнево.
Поранешниот амбасадор и дипломат, Ристо Никовски во коментар за „Фокус“ вели секоја војна завршува со преговори и добро е што во овој случај преговорите почнале рано.
Иако не се големи очекувањата од овие средби, на крајот мора да се дојде до некаков компромис. Притоа мора да се знае дека Русија нема намера да ја окупира Украина, туку целта е украинската држава да се неутрализира, вели Никовски.
Според него, сите што и малку се разбираат во меѓународните односи, знаат дека влегувањето на НАТО во Украина е неприфатливо за Русија и ова е обид да се спречат тие чекори кои очигледно биле веќе во развиен тек на подготовки.
Ова што се случува е неприфатливо, човек не може тоа да го поддржи, но мора да се разберат и руските стравувања за нивната безбедност, бидејќи никоја сериозна држава од калибарот на Руската Федерација не дозволува на нејзните граници да се постават ракети на нејзиниот непријател, смета Никовски.
Преговорите меѓу Русија и Украина започнаа денеска во регионот Гомел, каде делегациите беа пречекани од Владимир Макеи, шеф на администрацијата на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Во меѓувреме, на барање на украинската влада, францускиот претседател Емануел Макрон разговарал со неговиот руски колега Владимир Путин.
Според соопштението од Елисејската палата, Макрон побарал Путин да се погрижи за време на преговорите да бидат стопирани сите удари и напади врз цивилите и нивните домови, да се зачува цивилната инфраструктура и сите главни патишта – особено патот јужно од Киев – да остане безбеден за користење.
Путин, пак, ги кажал условите за решавање на ситуацијата во Украина. Според РИА, тој бара признавање на суверенитетот на Руската Федерација над Крим, демилитаризација и денацификација на Киев и неутрален статус.