Николовски за законот за автопатите: Не знам кој е тој што ќе се обиде да влезе во корупција

by Fokus

Државата нема време за чекање, вели вицепремиерот за корупција, Љупчо Николовски во коментар за забелешките на Антикорупциската комисија за законот кој предвидува изградба на автопати со стратешки партнер.

Николовски вели дека утре ќе се сретне со антикорупционерите, меѓутоа не гледа ризик од корупција со изградбата на автопатите. Тоа што е донесен законот, според него, не значи и дека владата е обврзана да склучи договор со стратешкиот партнер.

-Корупција е тоа што со години немаме автопати, а имаме проекти од пред 20 години, многу анекси што се случуваат, промени на цени и што не видовме во последните 30 години. Затоа и како потпретседател на Влада ќе дадам максимална поддршка на се она што е добро. Законот во Собрание не значи обврзувачки дека се склучува договор туку дека се обврзува односно Владата има право да започне јасни постапки со вклученост на експерти, меѓународни консултантски постапки, јасна и јавна транспарентна постапка со вклученост на опозиција и граѓани, сè со цел да имаме реална изградба на автопати и поддршка од стратешкиот партнер на државата. И не знам кој е тој што ќе се обиде да влезе во корупција кога станува збор за најголеми светски компании и е со поддршка на сите меѓународни поддржувачи на нашата земја. Треба да бидеме претпазливи во поглед на сè, ќе дискутираме за сите прашања, сите можни ризици, но имаме и обврска да дадеме поддршка на клучните процеси, вели Николовски.

Станува збор за закон за изградба на коридорите 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола). Законот експресно беше донесен во Собранието и доби зелено светло и од шефот на државата, Стево Пендаровски, а беше резултат на претходно потпишаниот Меморандум за соработка на Владата со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Меѓутоа, за него Антикорупциска излезе со забелешки дека се повредени уставните начела за еднаквост и слобода на пазарот и најави дека ќе го оспори пред Уставен.

Поврзани новости