Намерата за влез на трет мобилен оператор која ја има унгарскиот телекомуникациски оператор „4иГ“ е со цел граѓаните да добијат поквалитетни услуги за помалку пари. Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николовски одговарајќи на новинарски прашања при посетата во Кавадарци.
Според него, „со сегашниот дуопол цените не само што не се намалуваат туку се зголемуваат“, а пазарот помеѓу двата оператори е идеално поделен на 51% со 49%. Николоски рече дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори.
-Цените на услугите не само што не се намалуваат туку се зголемуваат. Нема никаков натпревар ниту во делот на нудење на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните. Се соочуваме секој ден со проблеми затоа што постои овој дуопол – дали се работи за начин на којшто се поставуваат базни станици, дали се работи за услуги коишто се испорачуваат кон граѓаните, квалитетот не е на соодветно ниво, изјави Николовски.
Министерот рече и дека се подготвени за напад од двата оператора, но и дека се неколку чекори пред нив и се добро информирани.
-Кога влеговме во оваа операција бевме свесни дека ќе има голем напад од овие два оператора затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, спремни сме за тој напад, ама да им кажам дека сме барем неколку чекори пред нив затоа што сме многу подобро од нив информирани и сме свесни дека тие никогаш нема јавно да излезат да го нападнат ова, туку преку одредени медиуми во коишто имаат сериозно спонзорство и издвојуваат дел од својот буџет преку реклами, ќе отвораат измислени теми од тип на не знам стратешки позиционирања. Очекувам сега нешто друго да отворат. Но, како што кажав, секогаш сме чекор пред нив од причина што тие „ги газат“ и „ги цицаат“ граѓаните, а ние сакаме граѓаните да имаат подобар квалитет за помалку пари, изјави Николоски.
На прашањето зошто унгарска компанија за која се знае дека е блиска до претседателот Орбан, Николоски одговори со прашање „Па зошто да не?.
– Зошто граѓаните да плаќаат 5.100 за некоја услуга а да не плаќаат 3.100, а реално и со 3.100 ќе заработуваат операторите. Многу е едноставно. Стравот кај овие два оператори е дека цените драстично ќе се намалат и нема да можат да прават десетици милиони евра профит секоја година, тие пари ќе останат кај граѓаните. Во јавноста да се поставува прашање дали ќе се почитува законот, па нормално ќе се почитува. Никој не е луд да направи нешто што е надвор од законот, тоа е основна работа, тоа е основно правило. Но, суштината е многу подлабока, рече Николоски.
Министерот Николоски на почетокот на месецвот ја информираше Владата на седница дека е пристигнато писмо со намери од унгарскиот оператор 4iG групација, откако тој претходно во Будимпешта оствари средба со претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи.
О.К.