Идниот министер за транспорт и врски и втор човек во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски потврди дека новата влада ќе се позајми една милијарда евра, но кредитот нема да биде подигнат од Кина, туку од земја членка на ЕУ и НАТО како што пишуваше и „Фокус“.
Во гостување на „Топ Тема„ на телевизија Телма, Николовски рече дека на ваков чекор како партија се одлучиле затоа што каматните стапки на меѓународните институции како Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд сега се над пет проценти што е во моментов доста скапо.
– Каматата треба да е пониска од меѓународните кредитори, факт е дека тој што ќе ги позајми парите ќе заработи, нема да ги даде како подарок, ние би биле среќни доколку каматата е под или околу 3 проценти. И, второ, да има еден пристоен грејс период и пристоен период на враќање на тој кредит, како би можел истиот да биде употребен за развој на државата, рече Николовски за условите под кои ќе се задолжи државата.
Николовски рече дека ништо не објавиле затоа што не е постигнат дефинитивен договор. Додаде дека со една држава разговорите се во напредна фаза, но не исклучува дека може да се појават и други заинтересирани страни.
„Фокус“ веќе објави дека финансискиот пакет од една милијарда евра, кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски го најави веднаш по победата на парламентарните избори на 8 мај, идната влада ќе го обезбеди од Унгарија.
Информацијата дека задолжувањето од една милијарда евра ќе се случи во директен договор со Унгарија им ја соопштил на партнерите од идната влада додека траеле преговорите за составување на извршната власт, велат извори на „Фокус“ од парламентарното мнозинство.
Неофицијално, кредитот ќе биде подигнат со ниска каматна стапка од три проценти што е исклучително поволен услов за било какво задолжување за една земја во странство.
Орце Костов