Пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски синоќа на телевизија Сител, нагласи дека Владата на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата во првите 100 дена не презентираа ниту една нова мерка за развој на земјоделството, нема гарантирани откупни цени и не се исплаќаат редовно субвенциите.
„Има една безидејност, нема нови мерки, нема гарантирани откупни цени, има нередовни субвенции т.е. субвенциите не се исплаќаат, а тоа не потсетува на едно друго време кога се правеа партиски списоци и селекција“, рече Николовски.
При тоа, Николовски посочи дека кадарот на ВМРО ДПМНЕ во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сега има состојба кога има нула денари заостанати долгови и повторно се доцни со исплата на субвенциите, што не беше случај во 2017 година кога на власт дојде СДСМ.
„Јас ќе бев среќен да во 2017 година можеше да се затекне ваква состојба како што оставивме ние. Затоа што нула денари е долгот на заостанати обврски од претходни години. Не смее да се манипулира со бројките. Ако во 2017 година исплаќавме субвенции од 2012 и 2013 година, сега во 2024 година тие имаат обврска да ги доисплатат субвенциите коишто се по тековната година односно за 2023 година, затоа што во 2024 година се затвора 2023 година. Иако парите се обезбедени со ребалансот, земјоделците два месеци после ребалансот уште ги чекаат парите“, рече Николовски.
На прашањето за зголемените откупни цени на грозјето, Николовски посочи дека растот е резултат на Законот за вино кој беше донесен во времето на Владата на СДСМ.
„Тие се резултат на Законот за вино којшто го донесе Владата на СДСМ и за прв пат во Законот е предвидена пресметка на производната цена и дека лозарите ќе добијат 25% зголемена субвенција по тој основ. Но катастрофални се цените за оризот, на пченицата. Ако ги видите политиките ќе забележите дека се продолжуваат нашите политики. Ги критикуваа огласите и повиците за доделување земјоделско земјиште но денес ги склучуваат договорите, ги критикуваа ИПАРД програмите, но денес се фалат со први договори склучени за ИПАРД 3, но без при тоа да погледнат на интернет дека уште во март заедно со делегацијата на ЕУ сме ги склучиле првите договори на ИПАРД 3 како земја којашто е лидер, ја критикуваа мерката за зелена нафта денес, но делат картички“, рече Николовски.
При тоа Николовски потенцираше дека ВМРО ДПМНЕ не само што за 100 дена не понуди нови мерки, туку и најавува укинување на дел од мерките што ги донесе СДСМ, а кои се важни за земјоделците
„Во 2023 година за прв пат воведовме предвремена авансна исплата на субвенциите којашто е дел од новиот модел каде што ги поврзавме субвенциите со предадено производство. Од она што го слушам и го знаеме, за 2024 година такви средства не се предвидуваат. Ние ги обезбедивме и земјоделците за прв пат на крај на 2023 година добија 30% од субвенциите предвреме, 58.000 земјоделци. Сега се најавува укинување на моделот за авансна исплата, и сметам дека земјоделците треба да знаат дали до крај на годината ќе добијат 30% од субвенциите за 2024 како што тоа го направивме ние во 2023 година“, порача пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.