Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, во вторник ќе објават голем акциски план за борба против корупцијата и криминалот.
Според Николовски, планот ќе ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.
-Со тоа ќе побараме отворање на широк фронт, пред се политички, со максимална поддршка на сите чинители ако сакаме да си ја средиме земјата, ако сакаме да имаме систем, ако сакаме законот да важи за сите-дајте да ги имплементираме сите оние барања кој до нас се испорачани. Мојот кабинет активно работеше на нивно детектирање, на сублимирање и ние тоа на Влада ќе го понудиме и објавиме и бараме секој чесен и одговорен човек, што и мисли добро на оваа држава, понатаму да не ги блокира, туку да даде поддршка, помош и поткрепа на сите овие работи, рече генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Никловски.
Додаде дека со приемот на земјата во НАТО се решени крупни историски проблеми и сега било време за решавање токму на овие приоритети кои што се битни за сите граѓани.
На новинарско прашање каде има најмногу корупција, Николовски подвлече дека тоа е зло кое го имаме во сите пори на општеството и не само во нашата татковина, туку го има насекаде и затоа пораката која се праќа со поставување на високо ниво на заменик претседател на Владата, кој во своето портфолио ја има токму борбата против корупцијата и криминалот, е дека тоа е на врвот на приоритетите на Владата.
– Ако мене ме прашувате во кои области ја има најмногу корупцијата тоа е во урбанизмот, издавањето дозволи, концесии, во спортот, во службите во општините, секаде каде навиките се вкоренети не во овие две или три години, туку со децении наназад. Ние сега имаме пред нас да решиме децениски проблем и сум убеден дека како чесна, нова генерација на македонски политичари сите заедно ќе успееме во таа борба, одговори Николовски.
Тој се осврна и на досегашните блокади и кочењето на клучни законски одредби од страна на опозицијата и истакна дека е потребна реформа на сите политички парти, како и македонско единство за да има правда, ред и дисциплина без оглед за кого станува збор.