Наместо да биде составен од компетентни и непартиски експерти, како што предвидува законот, ВМРО-ДПМНЕ избра партиски членови во Советот за граѓански надзор, претворајќи го во инструмент за партиска контрола на прислушувањето и следењето на комуникациите. Со вакво обвинување денеска излегоа од опозициската СДСМ, велејќи оти на вчерашната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, власта „протнала“ партиски кадри за членови на Советот за граѓански надзор.
Ова тело ја контролира работата на институциите задолжени за следење на комуникациите односно Оперативно-техничката агенција (ОТА) и други институции и постапува по претставки доколку некој е прислушуван, но и по службена должност врши надзор над овие институции.
За оваа, како што ја нарекоа од СДСМ, скандалозната партизација на првиот состав на Советот на граѓански надзор на комуникациите, уште денеска ќе ја информираат меѓународната заедница.
Од СДСМ обвинија оти претседателот и дел од членовите на Советот се долгогодишни партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, што, како што обвинуваат, целосно ја урива довербата во телото што треба да биде независно.
„Илче Димовски, којшто е предложен за претседател на ова тело, бил претседател на УМС во Битола. Бил секретар на Општинскиот комитет во Битола и бил советеник во Општина Битола во два наврати. Сега, се предлага како претставник и кандидат од одредена невладина организација, што е скандалозно. Мирче Стојков, којшто е исто така предложен, е поранешен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и замислете – во моменов е советник во Советот на Општина Кочани. Никола Затуровски, бил организациски секретар на владејачката партија, бил регионален координатор и партиски функционер на ДПМНЕ“, истакна Николовски.