Директорот на Царинската управа Бобан Николовски, денес присуствуваше на традиционална средба со превозниците во организација на Асоцијацијата Макам-Транс.
Николовски ја поздрави добрата соработка со Макам – Транс и со останатите Стопански комори и асоцијации, што неодамна беше потврдена на состанокот за реактивирање на Советодавното тело во Царинската управа. Исто така, информираше за неколку тековни проекти што значително ќе ја олеснат работатата на превозниците. Воведувањето на Системот за видео надзор и препознавање на таблички, автоматски ќе алармира кога одредена лента на граничен премин е преоптоварена и ќе овозможи брза реакција и намалување на времето за чекање на граница. Во тек е воведување на телесни камери за царинските службеници, со цел дополнително следење на завршување на постапките и контролите, а со тоа намалување на корупцијата. Интензивно се работи на започнување на проект за Автоматизација на терминалите, којшто вклучува целосна замена на постоечките ваги и рампи со нови дигитални ваги и автоматизирани рампи, а во тек се реконструкции на повеќе гранични премини. Усогласени се смените со Агенција за храна и ветеринарство, што за превозниците значи значително забрзување на протокот на стоки на клучните гранични премини.
Од август оваа година воспоствен е директен линк на модулот на Макам-Транс за пријавување мито, корупција и мигранти со Царинскиот дежурен оперативен центар, што овозмува да се реагира во реално време и да се спречат коруптивни појави и недозволени дејства.
Директорот Николовски истакна дека очекува соработката со економските оператори да се одвива во континуитет, со посветеност и разбирање на сите нивоа од страна на Царинска управа и од страна на стопанството. На настанот свое обраќање имаа и генералниот секретар на Макам – Транс Биљана Муратовска, заменик министер за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири и директорката на Консалтинг за стратешки развој Кристина Хаџи Василева.