Коалицијата на СДСМ со БЕСА ќе победи на парламентарните избори, со што ќе победи концептот „едно општество за сите“, рече генералниот секретар на социјалдемократите Љупчо Николовски.
-Победничката коалиција на СДСМ и БЕСА претендира да освои најмногу мандати во шестата изборна единица, која е главно мерило за легитимитетот пренесен од Албанците. Коалицијата ќе одбележи убедлива победа на 12 април, а обновата на режимот, криминалот и изолацијата ќе бидат поразени – порача Николовски.
Тој додаде дека храброста и визијата што ја демонстрираа со предизборната коалиција со БЕСА ќе биде наградена од гласачите на изборите.
-Заедно сме посветени на рамноправен развој на сите делови во државата. Борбата против корупцијата и криминалот и обезбедување на клучни реформи ќе продолжи. Интеграцијата во ЕУ останува единствена опција, нема друга алтернатива – рече Николовски.