Огромен скандал е поврзан со проектот познат како „Јапонска помош“ со фонд во висина од 12 милиони долари помош од Владата на Јапонија, вели дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Наместо власта, преку МЗШВ, да ја користи оваа помош за бескаматни кредити за земјоделците, за набавка на трактори, документите кои што денеска ги објавувам покажуваат огромни злоупотреби со парите од овој Фонд, на штета на земјоделците.
Овој Извештај на Комисијата за управување на средствата од помошта од Јапонската влада покажува дека на фирмата ФАКТОР КОНСАЛТИНГ, од жиро сметката на компензацискиот фонд, извршена е наплата на 3 милиони денари (односно околу 50.000 евра) за месечен паушал и наплата на долг. Дополнително од оваа сметка повлечени се нови околу 9 милиони денари (околу 150.000 евра), пари за кои Комисијата на министерството констатира дека нема покритие како и зошто истите се повлечени од правниот субјект. И за тоа писмено го информира министерот Цветков на 30.09.2015 година – рече Николовски.
Тој бара Цветков да одговори како може без покритие од сметка на Министерството што е наменета за прибирање на странска помош за развој на земјоделството некој да си повлече стотици илјади евра без покритие?
– Во која друга држава ова е можно да се направи и да се молчи за истото? Врз која основа се повлечени овие средства?
Во чии џебови се завршени овие стотици илјади евра? Сега е јасно зошто откако поранешниот и аболициран министер Љупчо Димовски застана да го води министерството, застана и имплементација на „Јапонската помош“. Објавувањето на огласи за механизација со безкаматни средства од 2009 година наваму нема. Спротивно на Одлуката на Владата на РМ, аболицираниот Димовски не формирал комисија за прибирање и користење на средствата од Фондот во 2010 година. Но, затоа склучил договор со приватна компанија за наплата на побарувањата од корисниците на Јапонската помош.
Ова е само еден пример како миленциите на власта и тие што одработуваат за неа се дебело наградени на штета на вистинските земјоделци. Токму поради ова вистинските земјоделци не можат да бидат корисници на Јапонската помош и не можат редовно да добиваат субвенции. Затоа од 2009 наваму нема огласи за користење на средства преку овој фонд од Јапонската Влада. А со тоа се спречува и отварање на нови извори на финансирање на нашето земјоделство од Јапонија. Сето оваа е на огромна штета и на нашиот имиџ и углед како земја и дополнителна причина дека аболиција за криминалци не смее да има. Барам одговорност за направениот криминал! Барам Владата веднаш да издвои средства за покривање на загубите во овој фонд а со тоа и овозможување на користење на овие неповратни средства – вели Николовски.