Новитет во земјоделието, односно технологија која го олеснува наводнувањето на земјоделските култури, со помош на пловечки фотоволтаични постројки, со подршка на Шпанија, доаѓа и во земјава.
Како предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на минатонеделната владина седница ја прифати Информацијата за обезбедени грант средства за подготовка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки во Националната мрежа за наводнување. Станува збор за грант средства во рамки на Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија, во вредност од 765.158,00 евра.
Како што појаснува за „Фокус” министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, утре ќе биде потпишан договорот за подготовка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки со шпанската компанија Глобалтек.
-Станува збор за грант средства во рамки на Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија, во вредност од 765.158,00 евра.
Реализацијата на активностите предвидени со грант средства е поделена во неколку фаза. Првата фаза предвидува идентификување на локации за поставување на пловечки фотоволтаични постројки. Потоа втората фаза опфаќа развој на концептен дизајн и физибилити студија, а третата фаза предвидува подготовка на предлог проекти за поставување на пловечки фотоволтаични постројки.
Употребата на ваквата технологија Пловечки фотоволтаици се користи во неколку земји од Европа, како на пример Шпанија и Белгија, а изведените пловечки соларни постројки се главно искористени во Секторот за наводнување и управувани од соодветните организации за наводнување, што му овозможува на земјоделскиот сектор да биде независен и поодржлив.
Преку овој проект, како министерство, дополнително вложуваме во развој и модернизација на системот за наводнување на земјоделското земјиште, директно помагајќи го производството на секој еден земјоделец- истакна министерот.
Вики Клинчарова