Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
На средбата вицепремиерот Николовски го информираше претседателот Пендаровски за мерките од усвоениот План за борба против корупција, информираат од Кабинетот на претседателот.
Претседателот Пендаровски го поздрави системот на мерки и изрази очекување дека истите ќе овозможат ефикасна превенција и борба со корупцијата.
„Борбата против криминалот и корупцијата е од исклучително значење во процесот на евроинтеграцијата, во градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. За да постигнеме резултати во овој процес неопходна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија и санкции, и придонес од сите институции“, истакна на средбата претседателот Пендаровски.
Во таа насока, Кабинетот на Претседателот, посочи претседателот Пендаровски, е подготвен соодветно да ги поддржи мерките од новиот План за борба против корупција.
Паралелно со темелни институционални промени, претседателот Пендаровски посочи дека важен сегмент во борбата со корупцијата е подигнување на јавната свест и охрабрување на граѓаните да пријавуваат случаи на корупција.