Николовски: Мелничарите да не шпекулираат, набавија суровина по преполовена цена, донесовме три мерки за поддршка на производителите

by Fokus

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ги повика мелничарите да одговорат кои се аргументите и зошто некој би барал покачување на цената на лебот во време кога житото на светските берзи се продава по преполовена цена.

„Цените на житото на светските берзи годинава се преполовени. Мелничарите се снабдија со суровина која е преполовена, по цена од 11 денари, а не по цена од 20 денари. Затоа треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал поскапување на лебот на грбот на граѓаните“, рече Николовски.

Според него, ова е специфична година во која освен преполовената цена на житото, на светските берзи има и стабилизирање на пазарот на електрична енергија за разлика од лани.

„Мелничката индустрија оваа година се снабди со суровина која е преполовена и фер и коректно е да не се шпекулира и шпекулативно да не се создаваат цени“, рече Николовски на прес-конференција.

Тој додаде дека Владата на денешната седница донела нови три мерки кои ќе се реализираат преку Интервентната програма и кои се насочени кон земјоделците зашто тие, како што напомена, се најпогодени.

„ Нашата цел е државната поддршка да ја насочиме кон оние што беа најпогодени. Тоа не е мелничката индустрија. Тоа се производителите и нашата цел е да го задржиме и стабилизираме домашното производство на пченица и на долг рок да станеме увозно независна, на среден и на долг рок“, додаде Николовски.

Новите три мерки што ги донесе Владата денеска се: три денари по килограм финансиска поддршка за земјоделците за остварено и предадено или складирано производство на пченица, по три денари за килограм произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, по 35 денари за килограм домат произведен и продаден од 5 април до 31 мај, како и по 30 денари поддршка за краставици произведени од 5 април до 15 мај кога важеше одлуката за замрзнување на цените.

Николовски, објаснувајќи ги новите мерки, потсети и дека претходно беше донесена одлука за дополнителни 12.000 денари поддршка за јачменот за принос над три тони.

Претходно денеска и министерот за финансии Фатмир Бесими реагираше на најавите за зголемување на цената на белиот леб и рече дека не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. И неговиот став е дека цената на пченицата и на електричната енергија оваа година не е повисока во споредба со лани и затоа, како што рече, не треба да се зголеми цената на лебот.

Поврзани новости