Иднината на македонското лозарство и винарство се создава во винарските визби на големите и малите произведувачи, но особено во последниве години, малите семејни винарии се оние што го доживуваат својот подем, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по денешното отворање на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Како што наведува Николовски, денес во Северна Македонија се регистрирани 71 мали винарии кои посветено одгледуваат сопствени лозови насади и произведуваат вино со врвен квалитет.
-Чуството е прекрасно кога го гледам големиот интерес на посетителите на нашите македонски штандови и нивното задоволство од убавината на нашето македонско вино, истакнува министерот.
Според него, Отворен Балкан нуди нов, поголем пазар за нашите македонски земјоделски производи, но и за македонското вино.
-Она што ме радува е што на овој Саем прв пат учествуваат и малите винарии, членки на Здружението на малите семејни винарии, како и повеќе винарии од Здружението Вина на Македонија. За тоа колку е добро нашето македонско вино говори и посетеноста на македонските штандови, но и фактот дека Северна Македонија е 29-ти најголем извозник на вино во светот со вкупен извоз во вредност од 61,4 милиони долари и втора земја по извоз во регионот. Винскиот сектор за нас има посебно значење и токму затоа со посебно внимание го поддржуваме и промовираме, подвлекува Николовски.