Со потпис на Љупчо Николовски како министер за земјоделство се доделува градежно земјиште во градежен реон на Град Скопје како земјоделско земјиште, обвини Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој објави договор за закуп на земјоделско земјиште потпишан од Николовски од една страна и извесен Имер Нухи од друга страна.
-Со овој договор Имер Нухи добива 1.564 метри квадратни градежно земјиште на територија на општина Бутел, под образложение дека закупил земјоделско земјиште во државна сопственост во време траење од 70 години за садење на лешников насад. Со овој договор закупецот добива право на градежно земјиште во урбана зона за надомест од 5.745 денари годишно. Метар квадратен градежно земјиште во овој реон чина од 150 евра па нагоре, односно за целата парцела над 250.000 евра – рече Трипуновски.
Тој додава дека огласот на кој се повикува повикот за закуп на Нухи е поништен, односно не дошло до легален избор за закуп, но сепак договорот е склучен и потпишан од министерот Николовски.
-Јавниот повик 01/21 врз основа на кој е дадено ова градежно земјиште под закуп е поништен на 12 јануари 2022 година со решение број 41-216/6 и тоа е објавено во Сл. Весник број 9 истата година. Овој договор е нелегален и не можел воопшто да биде склучен. Но, симптоматично е тоа што и покрај тоа што е нелегален и не можел да биде склучен сепак на овој договор стои штембил на МЗШВ дека е издаден од нивната архива, а на задната страна од истиот стои печатот на министерството и потпис на министерот Николовски – рече Трипуновски.
Според него, целиот случај почнува да се открива кога закупецот почнува да си ги бара своите права, при што Општина Бутел испраќа допис до МЗШВ со цел договорот за закуп на ова градежно земјиште да биде раскинат затоа што на истата локација е планиран парк.
-Очигледно е дека МЗШВ и Николовски се фатени во тесно, бидејќи ова е штембил на МЗШВ, а ова е печат на министерството и потпис на Николовски. Го повикувам Љупчо Николовски веднаш да си поднесе оставка од позицијата, а ЈО да постапи по случајот и да покрене истрага по допрен глас. Имаме уште вакви договори кои што индицираат сериозно кривично дело – рече Трипуновски.