Забрзување на транспортот и олеснување на трговијата преку имплементација, но и унапредување на проектите што се реализираат од страна на Царинската управа и Министерството за транспорт и врски, како и поврзување на системите на институциите беа една од суштинските теми на коишто разговараа директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
– Испорачување на перформанси со цел, што значи видливи и мерливи резултати од реализираните мерки, ќе биде во фокусот на соработката помеѓу двете институции. Притоа клучно ќе биде при реализација на проектите истите да резултираат со остварување на визијата и целта што треба да се постигне. Добрата соработка помеѓу институциите е клучна за да го трасираме патот напред и да оствариме побрз и поефикасен проток на стоки во интерес на македонското стопанство и на транспортерите, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Министерот Николоски и директорот Николовски се согласија дека институциите треба да вложат максимални напори во подобрување на институционалните капацитети како и интензивирање на соработката се со цел подобрување на условите за водење бизнис.
Институциите работат на зајакнување на перформансите, при што во скоро време се очекува да започне реконструкцијата на граничните премини Деве Баир и Ќафасан како дел од Проектот на Светска банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан, а интензивно се работи и на создавање услови за отпочнување на реконструкцијата на граничниот премин Делчево со грант од ЕУ.