Договорот со битолската фирма „Рубитон“ која ископувала јаловина во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола во 2018 година затоа што фирмата не го вршела ископот со динамика и количини предвидени со договорот, рече вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски во парламентот, одговарајќи на пратеничко прашање од Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ дали ќе го повика Јавното обвинителство да покрене истрага за, како што рече, обидот да се изнудат 250.000 евра од компанијата што добила тендер од РЕК Битола.
-За да се обезбеди навремено извршување на работите за грејната сезона која тогаш била во тек, повикани биле други економски оператори да достават итни понуди за продолжување на ископот и согласно позитивните законски прописи, повикани се Гранит, Машинокоп, Пелистер и СВ Инвест. На повикот се одѕвале две од овие компании кои во целост ги исполнувале законски предвидените критериуми за таа јавна набавка. Спроведено е непосредно наддавање меѓу пријавените оператори – рече Ниkоловски, додавајќи дека притоа најниска цена понудил „СВ Инвест“.
Тој додаде дека зад континуираните напади кон РЕК Битола се кријат други причини, посочувајќи дека сопствениците на „Рубитон“ се во блиски роднински врски со поранешниот директор на РЕК Битола од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
-Само во периодот од 2015 до 2018 оваа компанија од РЕК Битола има наплатено 6 милиони евра за истата работа. На крај, сите документи поврзани со овој случај се наоѓаат и кај судските инстанции и во РЕК Битола. Јавноста и Мицкоски можат да ги дознаат. Зад целиот овој случај не стои тој што е номиниран од страна на вашиот лидер, туку Александар Јанев, началник во време на техничка влада на ВМРО-ДПМНЕ, поставен од Наќе Чулев, а по налог на Христијан Мицкоски – рече Николовски.