Вредноста на протоколарните подароци е определена до 20 евра, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски според кого, ГРЕКО позитивно го оценува донесувањето на новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, но го поздравува и транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата
-Со владина уредба точно се пропишани процедурите за примање на протоколарни подароци од странски и домашни, физички и правни лица, при што е определено вредноста на подароците да не надминува 20 евра“, рече вицепремиерот Љупчо Николовски објавувајќи делови од, како што рече, позитивните оценки на ГРЕКО.
Според него, е поздравено објавувањето на имињата на сите советници во Владата на официјалната веб страница, како и изработката на тест за интегритет на советниците на функционерите, преку кој се утврдува нивото на интегритет и способноста за детектирање за евентуални ризици од корупција.
-Со тоа ќе се проверат личните и професионални карактеристики на највисоките државни функционери како и нивото на познавање на практиките на антикоруптивно и добро владеење, со што треба да бидат пример за другите јавниот интерес да биде пред сѐ, рече вицепремиерот.
Тој додаде дека со Кодексот за етичко однесување на именуваните функционери пак, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, до најниско ниво и дека веќе има слуачи на разрешени функционери поради прекршување на Кодексот.
-Заедно со програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје работиме на изработка на компаративна анализа за потребата од донесување на закон за потекло на имот и капитал а во изработката учествуваат меѓународни и домашни експерти. Со тоа конечно се воведува контрола на капиталот и се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот, рече Николовски.
Тој се осврна и на мерките за борба против корупцијата содржани во оперативниот план кои, како што рече, се јасна политичка волја на Владата и имаат за цел искоренување и сузбивање на корупцијата, со утврдени механизми за соработка меѓу сите институции, како домашни, така и меѓународни.