Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, ги повикува сите новоизбрани градоначалници да го следат примерот на Владата за донесување одлуки за регулирање на начинот на користење на службените возила и трошоците за угостителски услуги за работни состаноци. Локалните единици тоа може да го сторат преку општинските совети со донесување посебни акти со кои ќе се ограничат средствата за репрезентација на градоначлниците и користење на службените возила, се нагласува во соопштението од неговиот кабинет.
Во него се додава дека на предлог на кабинетот на Николовски годинава се донесени две одлуки, кои се однесуваат на ограничување на користењето на службените возила и на службените трошоци за угостителски услуги за работни состаноци. Овие одлуки се во насока на рационално и транспарентно користење на буџетските средства.