Николовски демантира дека немало парно греење во студентскиот „Стив Наумов“

by fokus 15:51
15:51

Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ Дарио Николовски ја демантира изјавата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ дека во студентскиот дом „Стив Наумов“ немало парно греење и оти пукнала цевка во ходниците кои биле полни со вода.

Тој денеска изјави дека студентите имаат парно греење и нема вода во ходниците од пукната цевка.

- Advertising -

– Што се однесува до условите во кои живеат студентите, Манасиевски треба да ги праша и неговите сопартијци кои раководеа со оваа институција, во што тоа инвестираа и зошто дозволија вакви да се условите за кои тој денес зборува. Ние за цели две години успеавме долгот од скоро пет милиони евра да го намалиме за безмалку три милиони евра и обезбедивме нови инвестиции во сите студентски домови, рече Николовски.

Тој информира дека во студентската населба „Стив Наумов“ во тек е темелно реновирање на зградите 1 и 2, а изминатиот период бил распишан и јавен повик за изработка на техничка документација за санација и замена на дотраени материјали.

– Фирмата е избрана и во тек е изработка на проектот кој треба да понуди лифт во двете згради, решение за замена на подовите, прозорци и врати што не беа сменети бидејќи имавме и веќе едно реновирање, потоа реконструкција на тоалетите, репарација на крововите, поставување видео надзор како и воведување на системи за противпожарна заштита. Постапката е во тек и кога техничката документација ќе се изработи ќе се почне со работа, рече Николовски.

Со ова, како што посочи тој, студентскиот дом „Стив Наумов“ добива 1.221 легло во услови какви што заслужуваат студентите.

– Изминатиот период Владата вложи сериозни средства и во другите студентски домови. Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ги реновиравме блоковите В и Г, завршува и внатрешното опремување со комплетно нов мебел, а комплетно се уредува и дворот. Студентскиот „Кузман Јосифовски-Питу“ исто така доби ново комплетно уредување и дворот, а таму, до крајот на годината започнува и постапката за поврзување со централниот систем на греење, потенцира Николовски.

Тој информира дека од вчера за студентите обезбедиле нов здрав оброк – смути заедно со појадокот, а пред неколку дена потпишале договор со МАСИТ од каде најавиле донација на компјутерска опрема.

Поврзани новости