Николовски бара поддршка од медиумите во борбата против корупцијата

by Фокус

Вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски вечерва на Телма истакна дека не е точна констатацијата дека барале алиби за состојбите со перцепцијата на корупцијата. Тој побара поддршка во борбата против корупцијата од сите, пред се од медиумите.

-Очекувам максимална поддршка од најодговорните, еве од националните телевизии кои на некој начин се финансирале и од граѓаните. Сите имаат обврска да одговорат дали ќе се приклучат на овој пат. Спремен сум да работам и да се фокусирам чесно, искрено и одговорно. Ако како медиуми и сите вие мислите да ни дадете поддршка во тој правец да го трансформираме опшетството, ние сме подготвени. Нема сила што ќе не спречи да го одработиме тоа за што добивме мандат, а меѓу другото и борбата против корупцијата – рече Николовски.

Тој посочува дека наследиле лоши состојби во државата, но, како што нагласува, направен е голем напредок. Сепак, Николовски истакнува дека не може крупни промени да се случат преку ноќ.

-Сите ретроградни сили кои го влечеа општеството надоле се обидуваат традициски да ги блокираат процесите. Многу храбри одлуки се донесоа, имаме политичка генерација што оди напред, која сака да го трансформира општеството, но има сили кои се обидуваат да ги блокираат процесите. Не наследивме земја со средени состојби, туку изолирана земја, без слобода и демократија, со поклопено општество. Не може да очекуваме се што ќе замислиме дека ќе промениме преку ноќ и без работа – изјави Николовски.

Поврзани новости