Работната група за нацрт на иницијатива за потребата од уставни измени денеска одржа седница. Според информациите, на седницата се дискутирало за Деловникот, методологијата и начинот на работа.
Претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска рече дека се изготвува деловник за работа, а тоа ќе продолжи и на следната средба закажана за во четврток.
„Прво, работиме сега на деловникот за работа на работната група. Понатаму дел секако ќе фатиме и методологијата на работата, меѓутоа она што е најважно е дека ние целата наша активност ја сведуваме на она што значи предлог за поведување на оваа работа. Утре, задутре и решенијата веројатно ќе имате можност да ги видите, а и претходните документи и заклучоци на Влада, заклучоци и одлуки на Собранието врзано за се она што претходно се укажуваше од ЕУ, за се она што на одреден начин упатува на потреба од измени“ – рече Николовска.
Таа вели дека рок не им е даден, но ќе се работи на иницијативата. Николовска рече дека шпекулации се информациите дека освен внесувањето на Бугарите и на други помали заедници во Преамбулата, таа ќе се збогати со наратив за утврдување на самобитноста на македонската нација и корените на македонскиот јазик.
Поранешната судијка вели дека „она што е важно граѓаните го знаат, дека на сите им беше понудено да бидат дел од оваа работа“ мислејќи притоа што ВМРО-ДПМНЕ нема претставници во работната група.
„Тоа што одредени политички партии и одредени личности не прифатија да бидат членови, или не прифатија да бидат дел од работната група преку политичките партии е нивни проблем. Жалосно е што не сакаат да учествуваат во работата каде што ќе можеле своите аргументи, предлози итн. да ги презентираат и јавноста да знае што кажале едни, што кажале други. Меѓутоа, избрале друг начин на активност којшто не е, според мене, во ред и којшто не може да донесе до она што значи ефективно јавно прикажување на работите и од друга страна презентирање на аргументите“ – вели Николовска.
Според неа, аргументите се најголема сила на која било одлука.
-Зборување на страна, давање на изјави без да се знае и без да се конфронтираат мислења, не оди во насока на владеење на право, и ако сакате не оди во насока на соодветно информирање на јавноста – рече Николовска.