„Голем е револтот, но и разочарувањето на просветните работници од власта на ДПМНЕ. Наставниците во септември нема да го добијат очекуваното зголемување на платите од 12%, иако Мицкоски и ДПМНЕ тоа го ветуваа. ДПМНЕ го погази ветувањето за унапредување на образованието“ рече денеска на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.
Таа рече дека „секој знае дека нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Вложувањето во наставниците е инвестиција во иднината на нашите деца, но и на целата држава“.
„Мицкоски и Јаневска немаат концепт за образование, ниту има намера да ги зголеми платите на наставниците. Повторно, ДПМНЕ во сите работниците гледа евтина работна сила. Владата на СДСМ во време на најголема здравствена и економска криза ги покачуваше платите. Со СДСМ наставниците секоја година, во септември, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата“ порача Николова.
Таа напомена „во септември 2019 и 2020 година добија покачување по 5 отсто, во септември 2021, 10 отсто. Во септември 2022 и 2023 година СДСМ ги покачи платите во образованите на два пати по 15 отсто. Кумулативното, СДСМ ги зголеми платите во образованието за над 55 отсто“.