Влашката заедница е во една состојба на мимикрија, една состојба на самоцензура, и доколку го знаеме минатото на Власите во овие последни 100 години ќе знаеме од каде е причината за таков однос, еден вид страв, можеби не во основната смисла на зборот, пред се како резултат на одност на општеството кон Власите, велaт во разговор за „Фокус“, Марија Николова и Јана Михаилова од Здружението за права и хуманост „Интегра нау“.
– За веме на пописот во 2002 година дефинитивно Власите не се декларираа согласно своите чувства бидејќи само 9.600 Власи се одважија да ја истакнат својата етничка припадност. Имаше повеќе причини, тоа беше еден пост воен период , кога општеството вршеше одреден притисок врз сите кои на некаков начин се обидуваа да се сепарираат, дека се издвојуваат од мнозинското население. Власите тоа најмногу го чуствуваа, бидејќи тие се лојална заедница и никогаш немаат желба да се издвојат од мнозинското население. Но прашањето вие сте Македонец или Влав секако ги збунуваше многумина и од тие причини се искажуваа како Македонци, но ние сите сме Македонци, сите си ја сакаме оваа татковина, сепак кога станува збор за пописот треба да си ја искажеме својата етничка припадност, јазичен и културен идентитет. Зарем потомците на Питу Гули имаат од што да се срамат, зарем потомците на браќа Манаки со кои што се гордее и Македонија и цел Балкан имаат од што да се срамат. Што е тоа во минатото што може нас Власите да не натера да се срамиме?, вели Николова.
Таа појаснува дека пописот 2021 е значаен за целата држава, и тие како Здружение, активно се вклучени во кампањата за успешно спроведување на Пописот, сметаат дека оваа комплексна статистичка операција е од посебно значење за целата држава.
– Директно сме вклучени во кампањата што ја организира Агенцијата за остварување на правата на заедниците под мотото: Тука живеам, одлучувам, постојам и преку видео клипови испраќаме јасна порака до сите граѓани дека Пописот е важен за сите нас, за успешно креирање на политики, за подобрување на нашиот животен стандард. Учествуваме и во дебати организирани од страна на ДЗС и Владата на РСМ, каде како здружение ги презентиравме нашите ставови, но и разјаснивме многу дилеми околку изјаснувањето на Власите на претстојниот Попис, вели таа.
Здружението се приклучило и кон кампањата за Пописот на иницијатива на Демократскиот Сојуз на Власите од Македонија, под мотото : “Дојде време”!
-Плановите секако дека ни се големи и правиме се, пандемската година да не ни биде пречка за реализирање на нашите активности. На пример, точно е дека Гугл и официјално потврди дека ќе дозволи на „google translate“ да се постави и влашкиот јазик. Но тоа е само одобрение. За да се реализира тоа, постојат услови, а еден од нив е на Гугл да им се испрати најмалку еден милион комбинации од карактери, за да може софтверот да ги препознава зборовите на влашки јазик. Е токму овде Интегра Нау може да даде голем придонес бидејќи во нашето Здружение имаме голем број на лингвисти, но и одлична соработка со универзитетски професори Власи од другите балкански држави, дополнува Михаилова.
Како што појаснува Михаилова тие во време на пандемија продолжуваат со реализирање на проектот во соработка со МАНУ, за онлајн курсеви за изучување на влашкиот јазик, гo подготвуваат вториот дел од двојазичниот македонско-влашки Прирачник (првиот дел веќе е издаден со помош на АОПЗ), имааат иницијатива некои институции да бидат именувани со познати имиња Власи, како на пример Театарот во Битола – Димитри Османли, Факултетот за драмски уметности – Никола Мартиновски и сл.
– Власите придонесоа многу во градењето на македонската државност, во формирањето на многу значајни институции во Република Македонија, односно Република Северна Македонија и сметам дека овде буквално изостанува поддршката од другата страна, всушност има една шега но и болна вистина која се зборува меѓу Власите, дека влашката заедница е нешто како занемарено дете од мајката. Многу е битно јазикот да се одржи. Факт е дека секојдневно се губат говорите на влашкиот јазик и тука навистина треба вистинска поддршка од институциите и на централно и на локално ниво, потенцира Михаилова.
Основачите на Здружението за права и хумaност Интегра Нау се активисти Власи кои свој придонес дале во промовирање на влашката заедница даваат уште од 90-тите години, кога започна процесот на демократизација во нашата земја, односно со осамостојувањето на РСМ. Еден период како да замреа голем број на невладините организации, и така во 2012 г.се роди идејата за формирање на едно ново влашко здружение. Во тој период беше реализирана идејата за изучување на влашкиот јазик на Филолошкиот Факултет во Скопје, а влашкиот јазик веќе 20 години е на листата на јазици во опасност од исчезнување во рамките на УНЕСКО.
Соња Танеска