Николов, носител на независна листа од Неготино: Ја ставив сопругата последна на листата за среќа!

by Fokus

Магистерот по правни науки, Сашо Николов, кој е носител на независна листа на кандидати за членови на општинскиот Совет за престојните локални избори во Неготино, ги изненади своите сограѓани со изборот на кандидатите.

Имено, при презентирањето на листата, во Неготино, мал град каде речиси сите меѓусебно се познаваат, забележително е тоа што Николов ги вметнал и својата сопруга Наталија Николова, синот Александар Николов и ќерката Здравкица Доневски. Вели, дека нема зошто да крие дека членови на неговото семејство се дел од кандидатите, и е горд на нив.

,,Ова не е прв пат на мојата независна советничка листа да ја назначам и сопругата Наталија. Во 2009 година, исто така таа беше на мојата листа, како последна, со реден број 15, и ми донесе среќа, влегов во Советот. Затоа и на овие избори, ја ставивме последна, за среќа. И ќерката и синот се исто така дел од листата, не го ставивме само постариот син, кој има своја професија со која што е окупиран’’ – вели Николов, кој и во минатото беше член на Советот на Општина Неготино, но и претседател на истиот од 2010 до 2013 година.



,,Кога се работи за независни советнички листи, сите на некој начин бегаат од нив. Но кога станува збор за листите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, луѓето буквално ќе се испотепаат да влезат во нив. Според моја претпоставка, тоа е така бидејќи знаат дека дури и да не станат советници, кога – тогаш ќе им се најде некое партиско вработување. Пред некој ден ме запре висок финкционер од ВМРО, кој ми префрли зошто сум го ставил речиси цело семејство на мојата листа. Истото му го кажав и него, јас не ветувам ништо на моите кандидати, свесни сме за реалната слика, ние не сме голема и моќна партија, туку независни кандидати, кои се трудат да придонесат за подобар живот во градот’’ – раскажува Николов.
Во својата листа, тој вклучил луѓе од сите профили, од магистри до најобични работници и пензионери. Вели дека има по некој од секоја сфера, и смета дека тоа е вистински погодок.

,,Значи имам луѓе кои се запознати со проблемите на граѓаните од сите области, од уметност, спорт, лозарство, имам кандидати кои се млади и кандидати кои се пензионери. Бидејќи долги години сум дел од Советот, добро ги знам маките на неготинчани. Како приоритет на мојата листа е решавање на деценискиот проблем со водата, решавање на проблемот со паркинг места, реконструкција на оштетените улици, реорганизација на ЈП Комуналец, за негово поефикасно функционирање, поддршка на спортски клубови и слично. Со овој состав на мојата листа, верувам дека ќе успееме да добиеме најмалку три советнички места’’ – изјави Николов.

Тој е спортски работник, инструктор контролор во судска организација и член на правната комисија на ФФМ.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости