Во моментов, општинската администрација на Гази Баба на чело со градоначалникот Борис Георгиевски се уште не се откажува од идејата за вцртување за Детален урбанистички план во Железара, со цел да може таму да се развие тешко загадувачка индустрија, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Градоначалникот од СДСМ, поддржан од градоначалникот на СДСМ на Град Скопје, Петре Шилегов, не се откажуваат од оваа идеја, што значи дека, освен за лукративни интереси, нема друга логика, зошто толку форсира во продолжение од фабриката Железара, на територија на Општина Гази Баба, да се гради високо загадувачка индустрија – рече Николоски.
Втората работа којашто сакам да ја споменам, додаде тој, е давањето на земјиштето каде сега се наоѓа општината Гази Баба на косовски инвеститор, кој, според него, таму треба да изгради нов објект каде општинската администрација би добила канцеларии.
-Дали толку немаше фирма градежна во Македонија што може да го направи ова, па мораше да се прави со косовска фирма? И зошто се оди на овој начин, зошто кога веќе општината решила да не го поседува тоа земјиште, не го даде на јавна лицитација, па да се да натпреваруваат помеѓу себе фирмите и да се постигне висока цена? Со таа висока цена да се наполни буџетот на Општина Гази Баба и да се инвестира во канализациони и водоводни системи – праша Николоски.