Николоски: Зар ова го направивте за уште неколку тендери и фин одмор?

by Фокус

Ова е можеби една од најбитните и најсуштински работи за која што македонското Собрание дискутирало во оваа сала од прогласувањето на независност до денес, рече Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ на третиот ден од дебатата за францускиот предлог.

-Не го потценувајте народот, многу е попаметен и до што мислите и од што ќе ви каже, и од што чувствувате. И кога ќе се видите на улица ви се насмее, во суштина во себе го има гневот и ве пцуе длабоко во себе, затоа што знае што правите. Народот знае каде ја водите работата. Да бидете свесни за таа работа – порача Николоски.

Јас не сум од вчера во Собранието, додаде тој, истакнувајќи дека „вакво понижување не видел, ниту верувал дека ќе види“.

-Зар ова го направивте за уште еден ден власт, за уште пет тендери во РЕК Битола, за уште десет местенки на едно или друго место, за 100-тина вработувања кои што ќе се поделат на една или на друга позиција, за фин одмор кој што веројатно ќе одите во текот на месец август, и каде што кога ќе седите на плажа ќе си велите добро направивме, а длабоко во себе мислам дека и вие знаете што правите – рече Николоски.

Според него, ова што се случува денес е злосторство на цел еден народ и триумф на 150 -годишна империјалистичка бугарска политика.

-Прочитајте малку во историјата, од основањето на бугарската држава во 1878 година на која и претходи основањето на бугарската егзархија во 1871, стратегијата и позициите се исти, непроменета без разлика дали е Бугарија била кнежество, царство, била во комунизам, или денес демократска Република, стратегијата е непроменета. А, таа е дека помеѓу Македонија и Бугарија постои вештачка граница која што треба да се урне затоа што во Македонија живее доминантно бугарско население кое што говори на бугарски дијалект. Тоа е тоа што го имате во предлогот кој што не сакаа ниту да го поделат од Влада – рече Николоски.

Поврзани новости