Во изминативе две недели стана сосема јасно дека Европската интеграција на Македонија се соочува со голема препрека. Документот на Бугарија со кој се условува интегрирањето на земјава и продолжување на патот кон ЕУ е последица на неспобната дипломатија и е уште едно фиаско на Владата на Заев. Документ кој беше криен од јавноста со цел никој да не знае за истиот ја донесе Македонија пред свршен чин. Она што е најстрашно е тоа што имаме молк од Владата, од Заев и директна заштита од Стево Пендаровски, вели Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Првото, Зоран Заев молчи за целиот скандал. Едноставно исчезна од јавноста! Никаде го нема! Факт е дека тој е највлијателното лице во власта. Како претседател на партијата на власт тој има најголемо влијание врз оваа влада и затоа останува нејасно зошто исчезна од јавноста и не даде никаков коментар. Народот сака и мора да знае дали Заев се согласува со тоа дека ние говориме немакедонски јазик туку така наречена јазична норма на туѓ јазик кој би требало да се нарекува официјален јазик на Македонија, Заев треба да каже дали се согласува и со бришењето на македонскиот народ и македонската историја. Исто така треба да каже дали се слага со овие уцени кои што и се наметнуваат на Македонија, најбитното треба да каже што ќе направи за ова да го спречи. Затоа што во моментот целата власт е кај него. Целата!, вели Николовски.
Тој смета дека ваквото бегање од јавност и премолчено одобрување на Зоран Заев значи дека е на повидок уште една национална катастрофа во негова режија. Заев со ваквото однесување воедно ја отвора вратата за зголемување на притисокот за максималистичките и штетни барања од нашиот сосед. Според Николовски времето ќе покаже дали има и нешто друго во позаднина, дали можеби има некоја финансиска интерес или некоја уцена како што тоа било пракса во минатото со Заев.
-Второ, вчера претседателот Стево Пендаровски очигледно координиран со СДСМ соопшти дека нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција. Тој гласно кажа дека нема да го стави на дневен ред ова прашање затоа што СДСМ не се слага истото да биде ставено на дневен ред. Значи СДСМ, Заев и Пендаровски не сакаат да се разговара во моментот за најважното национално прашање за Македонија. Ова е незрело и крајно штетно однесување што само се поткрепуваат сомневањата кои што ги имаме подолг временски период дека сето ова има некаква позадина. Вредно е да се напомене ретерирањето на ставот на власта и Пендаровски, со што се дава потврда дека сме билево право и дека ова не е само еден обичен документ туку е документ кој што станува сериозна пречка на целокупната интеграција на земјата. Во оваа прилика повикувам Пендаровски да престане да биде гласноговорник на политиките на Заев, да се надмине себе и да ја земе улогата која што ја има како претседател на државата и на претстојната лидерска средба да го постави ова прашање и да се разговара и за европските интеграции на земјава од аспект на бугарскиот документ и условувањата со кои што е соочена Македонија. Да се разговара за заеднички одговор кон условувањата за бришење на македонскиот јазик, македонскиот народ и ревизија на македонската историја, вели тој.
Николовски тврди дека ако власта, Заев и Пендаровски го одбијат овој наш предлог тоа значи дека нешто многу поголемо и подлабоко се крие во позадината. Ако не се реагира сега пропушти драгоцено време, и ми е страв дека подоцна ќе биде доцна.
-Трето, ова е сериозна состојба со која како услов како што кажав се поставува откажување од македонскиот јазик, историја, и народ кои што се најважните обележја на нашиот идентитет.Заев и власта доколку ова го прифатат или се потврдата сомнежите кои ги имаме влегуваат во втора фаза на создавање на нов јазик, на држава со нов идентитет и име и создавање на таканаречена северномакедонска нација.Ова е втората фаза за жал од планот за кој што подолго време говориме. Време е сериозно да се засукаат ракавите, не е време за интриги, не е време криење. Време е за државничко однесување. Време е да изградиме заеднички став, сега денес ние стоиме на располагање и уште еднаш повикуваме за ова да се разговара на претстојната лидерска средба. Потребно е да изградиме консензус за најважно прашање поврзано за Македонија. Само така ќе можеме да ја надминеме и оваа препрека и да го зачуваме нашето достоинство и национален идентитет. Нашето време за жал е кратко затоа што изминува и рокот е до јуни. Доколку не се направи нешто за јуни ми е страв дека после ќе биде доцна и последиците ќе траат следните 10, до 15 години и истите нема да бидат поправени. Затоа времето да се реагира е денес и сега и затоа повикуваме на разум, затоа повикуваме на единствен национален став по однос на овие условувања за да подоцна не биде предоцна, заклучува Николовски.