Премиерот Зоран Заев поднел тужба за клевета против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски поради изјава дека Заев е на врвот на пирамидата на операцијата преку која, според Николоски, биле изрекетирани 20 милиони евра.
-Бара 60.000 денари оштета затоа што брат му Вице, исто така во тужба за клевета, не успеа да добие од мене 30.000 денари оштета, па сега веројатно по принципот евро за евро бара 60.000 денари оштета за да можат со брат му да поделат по 30.000 денари. Зоран, кој што го советуваше јавно Вице да не ме тужи за клевета, сега тој истиот тој Зоран ме тужи. Тоа е тој тажен премиер во заминување кој што едно кажува, а друго прави. На сето ова јас едноставно ќе кажам го погрешивте човекот, не ме познавате, не ви се плашам и ќе одиме до крај, ни вас, ни никому особено кога ја говорам вистината – рече Николоски.
Воедно, тој на денешната прес-конференција повтори дека рекетирани се повеќе бизнисмени за сума од над 20 милиони евра во рамки на операција која, според него, е добро обмислена од врвот на СДСМ и координирано лично од Зоран Заев.
-Ќе посочам дека главниот сведок во Рекет 1, во прашања во судот, под полна материјална и кривична одговорност, посочи дека и други лица биле рекетирани односно други бизнисмени. Тоа никој од посочените не го демантираше што значи не е само еден. Тоа што обвинителството молчи и не ги повикува овие лица и не го проширува предметот е друго прашање за кое што сум убеден Зоран Заев има подобри сознанија зошто е тоа така. Втора причина дека сум во право е да ја потсетам јавноста дека постои и случај Рекет 2 во кој што бизнисмен сведочи за изнуда која што е вмешан посредник присутен и во случајот Рекет 1, а се однесува на министерот за здравство и на директорот на фондот на здравство – истакна потпретседателот на ДПМНЕ.
Во овој контекст, тој праша додаде: „Дали верувате дека било кој на Боки 13 денар би му дал, евро би му дал, доколку самиот врв на власта не стои на пирамидата?“.